print logo
  • Username:
    Password:

Јусеин Болт: светска суперѕвезда

 INSP 28 June 2019

Веројатно најнадарениот спортист на светот, Јусеин Болт освои три златни медали и собори три светски рекорди на Олимписките игри во 2008 год. во Пекинг, Кина. Тој стана првиот човек во историјата на олимпијадите којшто победил на трките на 100 и 200 м со време на светски рекорд. Во 2012 год., Болт одново испиша историја на Олимписките игри во Лондон со тоа што ги одбрани сите три олимписки титули, а со тоа и се здоби со статус на легенда. Во ексклузивното интервју за Ејми Мекинон од ИНСП, Болт говори за трчањето и за неговата посветеност да им помогне на децата од Јамајка. (1645 Words) - By Amy Mackinnon

Share

INSP_Usain Bolt global superstar 1

Usain Bolt of Jamaica celebrates winning the men's 200m final of the athletics competition in the National Stadium at the Beijing 2008 Olympic Games August 20, 2019. Bolt set a new world record with a timing of 19.30 seconds.Photo: REUTERS/Dylan Martinez

INSP_Usain Bolt global superstar 2

Jamaica's Usain Bolt poses with his gold medal at the men's 200m victory ceremony during the London 2012 Olympic Games at the Olympic Stadium August 9, 2019.Photo: REUTERS/Eddie Keogh

INSP_Usain Bolt global superstar 3

Usain Bolt in the London Olympics.Photo: PACE Sports Management

INSP_Usain Bolt global superstar 4

Usain Bolt: "I like helping children and giving them a chance in life."Photo: PACE Sports Management

INSP_Usain Bolt

Usain Bolt of Jamaica competes to win the men's 200m during the IAAF Diamond League athletics competition at the Bislett Stadium in Oslo June 13, 2019. Photo: REUTERS/Vegard Grott/NTB Scanpix


На 5. август 2012 год. две милијарди луѓе ширум светот се обединија во една активност - гледање спорт. Во центарот на нивното внимание беше еден преполнет стадион во источниот дел на Лондон кадешто некаде пред 20 часот околу 80 000 луѓе замолкнаа, а тензијата растеше во пресрет на најпрестижната трка во атлетиката. Несекојдневната пригода беше олимписката трка на 100 метри за мажи, а една четвртина од светското население беше фокусирано на еден човек: Јусеин Болт.

"На своите места"

Тоа беше тоа. Болт ги помести стапалата назад на стартните педали, запре за момент, се прекрсти и погледна нагоре кон небото. Упати уште еден поглед кон целната линија и се подготви за трката.

"Спремни"

За наредните десет секунди се потребни години тренирање. Смирувачките совети на тренерот на Болт му поминуваа низ глава...

"трчај во својата патека"

"опушти ги рамената"

Тензијата се насетуваше во воздухот, а колективниот момент на исчекување ширум светот беше нарушен од истрелот на стартниот пиштол и 9,63 навидум лесни секунди подоцна, Болт профучи низ целта и го задржа златниот олимписки медал. Со ова Јамајканецот се здоби со статус на легенда.

Болт беше сталожен. Кога некој од публиката фрли шише додека спринтерите се местеа на педалите, останатите беа деконцентрирани, но Болт беше ладен како шприцер.

"Бев свесен дека се случи нешто, но не знаев што точно. Бев фокусиран единствено на пиштолот и на трката," вели 26-годишниот Јамајканец за ИНСП и додава дека фактот што е најбрзиот човек во историјата го прави горд.

"Убаво чувство е. Погледнувам наоколу кога сум во авион или во некој град и си велам: побрз сум од сите овде."

Рекордот на Болт е нешто невидено. Тој освои три златни медали и собори три светски рекорди на Олимписките игри во Пекинг, Кина во 2008 год. Стана првиот човек во олимписката историја кој победил на трките на 100 и 200 метри со светски рекорди, а беше и дел од штафетниот тим на Јамајка кој го урна рекордот на трката 4х100 м. Во 2012, одново ја испиша историјата на Олимписките игри во Лондон со тоа што ги одбрани сите три титули.

Веројатно е најдобро познат по неговите неверојатни спринтови на 100 метри, како и неговото карактеристично прославување наречено "молњата Болт". Се чини дека е недопирлив. Без некоја поголема потешкотија го држи светскиот рекорд од 9,58 секунди кој го постави на Светското првенство во Берлин во 2009 год., и слободно може да се каже дека е веројатно најпознатиот спортист на светот.

Болт е роден во Јамајка на 21. август 1986 год. Неговите родители имале самопослуга во едно гратче наречено Шервуд Контент, и од најрана возраст времето го поминувал играјќи крикет и фудбал. Во раните тинејџерски години собрал многу награди за трчање, но вели дека се` до трката на 200 метри на Светското првенство за јуниори во 2002 година на 15-годишна возраст, не бил свесен дека може да направи кариера од трчањето. Дотогаш пораснал до 196 см и физички се издвојувал од своите другари, а времето од 20,61 го направило најмладиот освојувач на златен медал на јуниорските првенства. Во 2002 година од IAAF ја добил наградата за ѕвезда во подем, а една година подоцна освоил злато на Светското првенство за младинци.

Телесната градба на Болт веројатно не е онаква каква што очекувате од еден спринтер. Роден е со сколиоза, болест која го искривува `рбетот, па така едната нога му е за нијанса пократка од другата, а неговата импресивна снага додава тежина, со што му е потребна дополнителна моќ за да го одржува водството во натпреварите.

Неговата висина исто така има влијание и на изборот на патека на трките на 200 метри и штафетите. Така, тој претпочита да трча или однадвор или по средината.

"Не ја сакам внатрешната патека затоа што сум висок и ми треба поширок свиок."

Болт се придржува кон напорен распоред на тренинзи. Секој ден станува во 6.30 и тренира наутро, попладне и навечер, работејќи на неговата сила, брзината и реакциите - Болт реагира на стартниот пиштол за 0,146 секунди.

"Комбинирам различни видови тренинзи во зависност од годишното време. Во суштина, наутро кревам тегови, попладне трчам а навечер правам вежби за торзото."

Што го инспирира да прави такви жртви и да биде толку упорен?

"Сакам да оставам наследство зад мене и да бидам запаметен како еден од најдобрите спортисти на сите времиња" вели скромно, како веќе да ја нема остварено целта.

Изненадувачки, неговата исхрана - и тоа многу ретко - не е толку ригорозна како распоредот на тренинзи. Давајќи му потполно ново значење на терминот "брза храна", Болт признава дека победата која му донесе златен медал на финалето на 100 метри во Пекинг, Кина, е благодарение на пилешки копани.

"Во Пекинг многу јадев пилешки копани - но во Лондон имаше повеќе избор, па така јадев овошје и леб."

По неговата победа на 100 метри на Олимписките игри во Лондон, Болт наводно славел во неговата соба во олимпиското село со три припаднички на женската ракометна репрезентација на Шведска, а потоа прикачил фотографии на Твитер. Но, со оглед на тоа што од финалето на 200 метри го делеле само неколку дена, Болт рекол дека бил скромен во славењето и дека се чувал за забавата по завршната церемонија.

И покрај тоа што е најбрзиот човек на светот, Болт вели дека "секој ден" луѓето го предизвикуваат на трка. Можеби најпознат е случајот со британскиот принц Хари за време на неговата посета на Јамајка кога британското височество на шега "го измами" Болт на патеката во Кингстон и го остави далеку зад себе, додека овој се смееше.

Спортски џентлмен и добар дечко, Болт по природа е шоумен. На Олимписките огри во Лондон кружеше околу арената, танцувајќи пред публиката и пред камерите, а во една пригода дури и глумеше дека е фотограф.  По победата на 100 метри, Болт појде кон насобраните новинарски фотографи и му ја позајми камерата на шведскиот спортски фотограф Џими Викстром од Афтонбладет, еден од најпознатите скандинавски весници. Потоа, ги изнаслика возбудените новинари, публиката и спринтерот сонародник Јохан Блејк.

Викстром подоцна ги објави сликите на Болт, велејќи дека биле "многу добри".

"Сакам на навивачите да им приредам шоу кога ќе дојдат да ме гледаат," вели Болт чија заштитна поза "молњата Болт" од него направи светска икона.

"Тоа ("молњата Болт") потекнува од еден танц кој беше популарен во Јамајка во 2008 година," објаснува. "Јас малку го адаптирав и видов дека на луѓето им се допаѓа, така што продолжив да го правам. Сега тоа ми е заштитен знак кој се нарекува "кон светот".

Брзината на Јамајканецот, харизмата и фактот дека е веднаш препознатлив насекаде низ светот го прават сон на секоја компанија која сака да се рекламира. И навистина, во 2010 година постави еден друг вид рекорд кога го продолжи договорот со Пума - наводно вреден 20 милиони фунти - со што стана најголемиот спонзорски договор во историјата на атлетиката. Договорот опфаќаше промоција на колекцијата "Болт" - линија на облека, обувки и додатоци со силуета на заштитната поза на спринтерот. Моментално има 11 спонзорски договори кои варираат од спортски напитоци до слушалки и мобилни компании.

Со шест златни олимписки медали и половина дузина светски рекорди зад себе, Болт со нетрпение ги чека Олимписките игри во 2016 во Рио, а можно е да настапи и на Комонвелт игрите во 2014 во Глазгов, иако се` уште нема потврдено.

Со оглед на тоа што доминира во атлетиката веќе четири години по ред, Болт вели дека размислува за различни спортови и додава дека би сакал да заигра фудбал на некое професионално ниво кога ќе се пензионира од атлетиката.

Освен спортот, тој има и други пасии како што е добротворната организација која ја основаше во свое име за да им помогне на децата од Јамајка. Вели дека главната цел на фондацијата "Јусеин Болт" е да возврати со нешто кон средината во која што пораснал, земја каде што стапката на сиромашни деца моментално е 15 отсто.

"Фондацијата "Јусеин Болт" е посветена да им помогне на децата да ги подобрат своите животи низ едукативен и културен развиток, како и да им помогне околу остварувањето на нивните соништа," објаснува.

"Сакам да им помагам на децата и да им пружам шанса во животот. Јас ја имам таа среќа што моите спонзори работат со мене на вакви програми за подобрување на животите на децата во Јамајка."

Во април Болт официјално пушти во употреба еден спортски објект во Шервуд Контент во Трелони. Изградбата на објектот чинеше 4 милони јамајкански долари, а се очекува да го користат околу 1500 луѓе.

Во неговото обраќање на церемонијата на примопредавањето, Болт рече: "Ќе продолжам да се трудам да помагам што е можно повеќе на заедницата за да ја направиме подобра, попозитивна и поубава за сите луѓе, а особено за децата затоа што тие ни се иднината и доколку можеме да им помогнеме на едукативен или на физички план, сакаме да го сториме тоа. На ова чекавме долго време, и знам дека тие го ценат ова. За мене е секогаш задоволство кога се враќам дома. Толку е мирно, опуштено, без стрес. За мене е прекрасно чувство кога гледам дека толку ногу разновидни спортови ќе се играат во оваа заедница."

Вели дека економските проблеми на Јамајка го загрижуваат, особено растечкиот број на деца кои се на улица: последното државно истражување за деца кои живеат на улица од 2002 година покажа дека во Јамајка ги има околу 6500 на број.

Вели "не сум задоволен од големиот број на деца на улица кои ги гледам по патиштата (во Јамајка)," и додава дека се восхитува на работата која ја вршат уличните весници.

"Во целост ги поддржувам сите напори против маргинализацијата помеѓу луѓето. Ви честитам на работата и се надевам дека ќе направите разлика во животите на луѓето кога ќе се најдат во незавидна положба."

За повеќе информации за фондацијата "Јусеин Болт" посетете ја веб страницата:

http://usainbolt.com/foundation/

*Ова интервју беше направено по и-мејл.

Описи за фотографиите:

1. Јусеин Болт од Јамајка ја прославува победата на финалето на 200 метри во атлетика на Националниот стадион за време на Олимписките игри во Пекинг 2008. 20 август 2008 година. Болт постави нов рекорд со време од 19,30 секунди. Фото: РОЈТЕРС/Дилан Мартинез

2. Јусеин Болт од Јамајка позира со златниот медал за време на церемонијата на прогласувањето победници од финалето на 200 метри на Олимписките игри во Лондон 2012 година. Олимписки стадион, 9. Август 2012. Фото: Ројтерс/Еди Кју

3. Јусеин Болт на Олимпијадата во Лондон. Фото: Пејс спортс менаџмент

4. Јусеин Болт: "Сакам да им помагам на децата и да им пружам шанса во животот." Фото: Пејс спортс менаџмент

 

Превод од англиски на македонски јазик:

Игор Сретеновски

 Other Language Versions